Нa третатa форумска сесија во рамките на програмата „Регионални форуми во заедницата“ во Вардарскиот плански регион, што се одржа во Велес, седумте групи составени од претставници од повеќе области од сите општини од овој регион, со рангирање и гласање, за најдобар меѓу предложените преку рангирање и со гласање го избраа проектот за опремување на Регионален младински бизнис иновативен центар во Велес.

Јадранка Стефкова од Општина Велес, која е вклучена во изработката на проектот што ќе чини 6 милиони и 712 илјади денари, истакна дека со него се предвидува опремување на неколку простории во веќе изграден објект во сегашната библиотека во Велес, односно опремување на мултинаменска сала, канцеларии за креативни индустрии, за пристап до фондови и за професионална ориентација.

– Целта е да им се помогне на младите од регионот да ги зајакнат неопходните капацитети за развој на претприемништво, да се создаде мрежа на успешност од врвни лидери со цел поврзување и размена на искуства и практики, како и отворање кон европскиот и светскиот пазар, појасни Стефкова.

Таа потенцира дека овој проект е многу значаен, бидејќи во Вардарскиот плански регион досега немало програми за обука на млади и невработени лица, ученици и претставници на бизнис секторот за специфичните програми на ЕУ и други меѓународни донатори.

– Затоа од исклучителна важност за целиот регион е што е можно повеќе човечки ресурси да се обучат, посебно младите и учениците во средните училишта. Во насока на професионалната ориентација целта е да се поврзат сите 11 средни училишта во Вардарскиот плански регион со 50 компании – главно микро, средни и мали претпријатија, за да се види кои компании каква потреба имаат од човечки ресурси и учениците навреме да се подготват за да излезат на пазарот на труд и да ги задоволат потребите на компаниите, рече Стефкова.

Директорот на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион во Велес, Марко Колев појасни дека првиот проект, второ рангираниот, кој е за изградба Скејт парк со велосипедски и пешачки патеки во Демир Капија и Општина Чашка до изворите на реката Бабуна и трето рангираниот за реставрација на владетелска палата од четвртиот век пред нашата ера на локалитетот Била Зора кај Свети Николе, на 15 март ќе се разгледуваат на седница на Советот на Општина Велес.

– Потоа трите концепти ќе ги испратиме до Швајцарската агенција за развој и до Министерството за локална самоуправа каде посебна Комисија ќе ги разгледа трите проекти и потоа еден од нив ќе биде финасиран во наредните шест месеци, а најдоцна до ноември годинава, појасни Колев.

Инаку целиот проект насловен „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ што ги вклучи трите регионални форумски сесии кои се одржаа во Велес и на кои се разгледуваат предложените проекти, е финансиран со 123.789 швајцарски франци од Швајцарската агенција за развој во соработка со Министерството за локална самоуправа, а преку Центарот за развој на Вардарскиот плански регион со седиште во Велес.