Учениците од средното медицинско училиште од Гостивар кои по студискиот престој во Шпанија беа прогласени како најдобри, денес беа на прием на градоначалникот Арбен Таравари.

Група ученици со нивните ментори од почетокот на месецов беа на студиски престој во Мадрид, Шпанија и таму беа вклучени во практична обука во дом за стари лица. За нивниот ангажман го добија највиското признание.

– Искрено се надевам дека идните генерации на таков начин ќе продолжат да го промовираат Гостивар, градот од каде потекнува еден нобеловец, Ферид Мурад. Горд сум на младите кои постигнуваат вакви успеси, рече градоначалникот Таравари.

Во разговорот, младите медицинари кажаа дека се запознале со тамошните искуства и дека тие ќе им бидат од корист во натамошен професионален развој и кариера.

Студиската посета во Шпанија се реализира преку Националната агенција за европски образовани програми и мобилност.