Проблемот со кучињата скитници во Охрид се решава, но граѓаните треба да бидат запознаени дека решението нема да се случи преку ноќ, оттаму што легислативата предвидува процедура што трае подолг период.

Директорот на ЈП „Охридски комуналец“ Љупчо Грданоски во изјава за медиумите истакна дека веднаш од доаѓањето на новиот состав на Локалната самоуправа се преземени активности за решавањето на проблемот.

– Оваа локална самоуправа, предводена најпрвин од градоначалникот Јован Стојаноски, а сега од в.д. градоначалникот Константин Георгиески, започна со формирање шинтерска служба, за што обезбедени се две пикап возила и вработен е шинтер. Преку донација на приватна фирма од градот во два наврати, бидејќи првиот пат имавме кражба, обезбедени се кафези за привремено спестување на бездомните кучиња. Минатата недела ограден е простор за дневен престој на кучињата, а во текот на вчерашниот ден заврши тендерската постапка за избор на ветернинарни услуги. Стигнати се две понуди, во текот на денешниот ден се разгледува документацијата и доколку ги исполнуваат условите според наведената спецификација се закажува електронско наддавање. По изборот на ветеринар јавното претпријатие ќе започне со заловување на бездомните кучиња и понатамошен третман, изјави тој.

Грданоски нагласи дека законските норми предвидуваат заловување, стерилизација или кастрирање на бездомните кучиња, а потоа нивно враќање на местото каде биле заловени.

– Тоа значи дека законското решение е на долг рок. Граѓаните да не очекуваат дека ќе нема кучиња на улиците и дека овој проблем ќе биде решен брзо, истакна тој.

И овојпат како и во претходната изјава по однос на проблемот со бездомните кучиња, Грданоски информира дека нивниот број е зглемен како поради нивно размножување, така и поради неколкуте регистрирани случаи на носење кучиња во Охрид од други општини. Притоа тој упати повик до надлежните институции да се позанимаваат со посочениот проблем на носење кучиња од други места, оттаму што јавното претпријатие нема законска можност да делува.