Актуелното раководство на Кумановското здружение на пензионери во четиригодишниот мандат оствари 1,64 милиони денари добивка, непречено ги извршуваше функциите, а позитивно е оценета и сметката на ланскиот солидарен фонд, беше речено на денешната седница одржана пред мартовскиот редовен избор на новото раководство.

На седницата присуствуваше и претседателот на Сојузот на пензионери на Македонија, Драги Аргировски. Според него, кумановското здружение е едно од најуспешните во државата, бидејќи со бројните активности и домаќинското работење успеало да обезбеди и нов простор за работа лоциран кај Старата црква, за кој се потрошени 168.000 евра заштедени во изминатите десетина години.

-Бројни се активностите кои ги реализира ова здружение, носители се на спортски, културни манифестации на национално и регионално ниво. Имаат одлична соработка со здруженија од Бугарија и Србија, изјави Аргировски.

Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски изрази благодарност за досегашната сорбаотка која, како што рече, се темели на претходно потпишаниот Меморандум, додека во контекст на претстојното избирање ново раководство на Здружението, апелира пензионерите да не потпаднат на какви било политички влијанија.

– Следи изборен период во здружението, посакувам демократски избори, посакувам пензионерите да си го дадат своето мислење за здружението во кое членуваат, но воедно апелирам да не дозволите во ова здружение да влезе политиката. Обидете се да избрете вистински претставници кои ќе покажат континуитет во работењето на се она што успешно беше сработено изминативен години, рече Димитриевски.

Во Здружението кое ги опфаќа општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане, членуваат околу 14.600 пензионери. Финансирањето е со членарина која изнесува 27,5 денари, средства кои се издвојуваат од пензионерите и се наменети исклучиво за оваа категорија граѓани. Средствата одат за еднократна парична помош, помош при непогоди, хуманитарна помош, за екскурзии, бањски туризам и активности на планот на културата и спортот.

Со одлука на Извршниот одбор на Собранието, за почесен претседател е именуван досегашниот претседател на кумановските пензионери, Спирко Николовски, а благодарници добија Љубица Кузмановска, Снежана Андова и Весели Рамизи.