Откако започна со изградба на згради за потребите на месните заедници во селските средини, општина Македонска Каменица градежната офанзива ја продолжува со изградба на улицата „Вера Јоциќ“ во градското подрачје. Средствата за нејзина изградба, како што соопшти градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, се издвоени од буџетот на општината.
-По претходно склучен договор интензивно се работи на изградбата на улицата „Вера Јоциќ“ која во најбрз можен рок ќе биде изградена. Станува збор за инвестиција вредна 8,7 милиони денари буџетски средства. Освен тоа работиме и на доуредување на кејот на река Каменичка, така што можам да кажам дека оваа градежна офанзива, согласно предвидената динамика ќе продолжи и во наредниот период, истакна Стаменкова.
Додава дека наскоро ќе биде склучен и договор во чии рамки ќе се започне со партерното уредување во центарот на градот.
Претходно, со сума од 8,3 милиони денари во Македонска Каменица започнаа активностите за изградба на згради за потребите на месните заедници во селата Саса, Тодоровци, Косевица и Дулица.