Амбасадорот на ОБСЕ во Македонија, Клеменс Која денеска беше во посета на Општина Штип, Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, а имаше и средба и со координаторот на ОК на ВМРО ДПМНЕ во Штип, Иван Јорданов.

Во соопштението од Општина Штип се вели дека амбасадорот, Која бил лично запознаен од страна на градоначалникот за проектите коишто се отпочнати во општината и кои се неопходни за развојот на Штип.

– За само една година се започнати неколку крупни проекти коишто се долгогодишно барање и потреба на граѓаните. Интеграцискиот процес во кој се наоѓа Северна Македонија ќе придонесе за раст на економијата и стабилност во нашата држава. Амбасадорот го поздрави историскиот договор и зачленувањето на Северна Македонија во НАТО Алијансата, се вели во соопштението од Општина Штип.

Амбасадорот на ОБСЕ денеска имаше и средба со ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“(УГД) во Штип, Блажо Боев.

– Штипскиот Универзитет е со втор највисок рејтинг во државата и зборувавме за проекти и идна соработка меѓу ОБСЕ и Универзитетот „Гоце Делчев“, рече Која.