Во Штип денеска се одржа втората регионална форумска сесија за 11 општини од Источно планскиот регион, на којашто се презентираа вкупно осум проекти, кои се во конкуренција за добивање на средства од швајцарската Агенција за развој и соработка.
Раководителот на Центарот за развој на Источно планскиот регион, Драгица Здравева за МИА вели дека општините денеска ги елаборираа проектите, а за реализација на еден од нив се издвоени 95.000 швајцарски франци.
– Понудени се проектите, реконструкција на ски-лифтот на Пониква, партерно уредување на водопадите на Равна Река во Пехчево, реконструкција на планинарски дом Лисец на Плачковица, потоа изградба на засолниште за планинарите под врвот Туртел на планината Плачковица, збогатување на туристичката понуда на Беровско Езеро, со клупи, осветлување, патеки, доградба и реконструкција на Домот за стари лица во Берово и подобрување на условите во музејот Теракота во Виница, вели Здравева.
Таа најави дека следната регионална форумска сесија е закажана на 6 март, кога треба да се одлучи кои три проекти ќе се понудат на донаторот. Одлуката, кој од проектите ќе биде финансиран ја донесува комисија составена од претставници од швајцарската Агенција за развој и соработка, Министерството за локална самоуправа и од проектните единици.