Маријана Ѓорѓиевска и Владимир Јованоски станаа првите прилепчани кои се искачија на највисокиот врв во Јужна Америка, Аконкагва во Аргентина, висок 6.962 метри. Експедицијата траела 27 дена, од кои 18 денови поминале на планина во шатори. Врвот го искачиле за 9 часа и 20 минути. Аконкагва е вториот по височина сумит во светот. Тие се едни од 20-тината Македонци кои го искачиле врвот, а Ѓорѓиевска е 4-тата жена од нашата држава, пренесува Телевизија Сител.

„За прв пат во животот кога јас сум се искачила на некој врв ми потекоа солзи. Претходно сум била и на Елбрус, Мон Блан, Полукс, можеби тоа не се некои врвови за кои познатите планинари сметаат дека се нешто посебно, но за мене сето тоа беше едно ново искуство“, истакна Ѓорѓиевска.

Станувало збор за доста сурова планина, каде температурните разлики помеѓу денот и ноќта биле и по 40-тина степени. Кон врвот тргнале во 2.00 часот утрината, а стигнале околу 11.30. Таму се задржале час и половина.

„Кога стапнав на врвот сето беше како во сон, сето како успани, уморни, стапнуваш на врв, немаш кислород, едноставно сето во главата ти е како да спиеш, пола време чекаш да се прилагодиш на таа висина, да земиш воздух, да се видиш каде си, а кога ќе видиш каде си тоа е веќе друго“, раскажува Јованоски.

Искачувањето сепак било тешко, имало и моменти на криза.

„Периодот на 6.300-6.400 метри надморска висина дојде до двоумењето дали да продолжам, дали да се враќам надолу. Снемав кислород, почна многу да ми се спие и едноставно почна во главата да ми се мели, да ми се врти, си реков каде сум јас, што правам со ова, но со кратка пауза, со конзумирање на вода, бидејќи водата е таму кислород и со конзумирање на некои благи работи си дојдов при себе. Помислата дека ме чека некој, дека сум дојден за некоја цел, да се искачам горе за некого, продолжив“, вели Јованоски.

И покрај се ова за нив било одлично искуство кое ќе им биде значајно во идните искачувања на врвовите.

„Не се опишув со зборови тоа чувство, треба само да се доживее. Мислам дека вреди човек да оддели еден месец од својот живот и определен приход за да ја доживее енергијата која ја има барем во базниот камп. Таму буквално имаме едно глобално село, односно цел град, кој што е составен од луѓе од сите делови на земјината топка“, вели Ѓорѓиевска.

Ѓорѓиевска и Јованоски се пионери во високорското планинарење во Прилеп. Пред 8 месеци тие се искачија на највисокиот врв во Европа, Елбрус, а сега на Аконкагва. Се уште немале одлучено кој сумит илии нареден врв ќе биде нивната идна цел.