Евроамбасадорот Самуел Жбогар денеска беше во посета на Кичево во рамките на која ја посети пречистителната станица за отпадните води, изградена со средства од ЕУ.
Жбогар беше придружуван од делегација на Европскиот парламент, предводена од пратеникот од Естонија Туне Келам, а во посета на пречистителната станица беше и градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари.
Пратеникот Келам изјави дека Европската унија и во иднина ќе биде партнер и ќе и помогне на земјата во нејзиниот напредок и реализацијата на приоритетите.
Напоменувајќи дека пртходно биле во посета на Албанија изрази задоволство поради тоа што е изградена пречистителната станица, бидејќи, како што рече „евидентно е дека на вашата земја и треба помош во еколошката сфера“. Тој за утре најави и средби со преставниците на Владата.
Градоначалникот Дехари изрази задоволство за перспективите што се отвораат од натамошната соработка на Општина Кичево со ЕУ.
-Поддршката на ЕУ секогаш била несебична, а денешната посета покажа дека ЕУ има цел и понатаму да помога и на нашата општина и на државата во нејзиниот развој, во перспективите и овозможување подобра егзистенција на нашите граѓани. Убеден сум дека и граѓаните тоа го забележуваат и дека гледаат надеж во нашиот пат кон ЕУ. Наскоро со помош на ЕУ ние како општина ќе започнеме и со втората фаза за третирање на отпадните води и од руралните места на нашата општина истакна, Дехари.