Во Крушево забрзано се работи на реконструкцијата на горната училишна зграда, историски познатиот објект од 19. век, заштитено културно наследство. Работите се во напредна фаза, информираат од крушевската локална самоуправа.

Реконструкцијата на „Горната училишна зграда“ е започната во втората половина на 2018 година со средства од Агенцијата за поддршка во земјоделството и руралниот развој од која се обезбедени 15 милиони денари.

Се реконструира и внатрешно и надворешно за да се задржи автентичноста на објектот, заштитено културно наследство. Паралелно со реконструкцијата, локалната самоуправа работи на идејни решенија и проекти за опремување, оспособување и пренаменување на овој објект кој ќе биде функционален и одржлив.

Како основно училиште било до 2000 година, а последните години дел се користеше за самостојните актерски трупи. Намерата е, со дополнителни донации и спонзорства да се претвори во Младински културен центар, со кино сала и простор за невладини организации.

Инаку, зградата има богата историја. Градбата како училишна зграда започнала во 1869 година за што постои документација и било Патрјаршиско училиште. За време на Илинденското востание бил готов едниот кат, а во 1909 година почнал да се гради вториот кат. Познато е дека во училипштето учел Никола Карев, претседателот на Крушевската република.

Во училишната зграда се снимени бројни филмски сцени од македонските филмови „Јуначко Колено“, „Републиката во пламен“, „Илинден“.

Реконструкцијата на Горната училишна зграда треба да заврши до крајот на оваа година.