По 70 години целосно ќе се уреди вториот дел на градскиот парк од Александар Палас до Луна парк, информира директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Ардијан Муча на денешната средба со новинари по повод 58-от роденден на претпријатието. Додаде дека за оваа година е предвидено да се насадат 12.000 нови садници.

Информира дека Програмата за 2019 година е веќе изгласана од Советот на Град Скопје за сите нови површини, што се преку 43 проекти на кои ќе се работи. За дел од нив веќе имаат направено проекти. Во моментот се работи на делот позади Филхармонијата, целосен проект што го направил Град Скопје, за што се обезбедени средства од околу седум милиони денари само за хортукултурно уредување.

Додаде дека лани била успешна година за претпријатието, а во 2018 година имаат зголемена работа за 100 проценти.

– Ако во 2017 година имало 65.000 метри квадратни реконструирани и подигнати зелени површини, во 2018-та имаме 127.000, вели Муча.