На средбата на градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски со делегација на ОБСЕ предводена од Јасмина Тодоровска-Митева, Национален програмски офицер на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Ѓорги Тасев, посебен советник за млади и спорт на премиерот Зоран Заев, се разговараше за формирање на на Локален совет на млади во рамките на општина Струмица, соопштија од општината.

Целта на ова тело е да се слуша гласот на младите, да се детектираат младинските проблеми на локално ниво и да се наоаѓаат решенија со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Националниот програмски офицер Митева потенцираше дека ОБСЕ активно ја поддржуваат работата со и за младите, младинското учество и вклучувањето на младите во процесите на донесување на одлуки.

Според градоначалникот Јаневски, Советот ќе биде гласот на младите зашто преку него им се дава можност да започнат дијалог со општината и отворено да дискутираат за младинските прашања со општинските власти.

Посебниот советник Тасев го запозна градоначалникот Јаневски со младинските мерки и активности што ќе ги преземе Владата заедно со Агенцијата за млади и спорт со цел подобрување на стандардот на младите, нивно вклучување во општествените текови и вклучување во процесите на носење на одлуки преку Законот за младинско учество и младински политики, што е во финална фаза и се очекува да биде донесен до првата половина на 2019 година.