Оваа влада нема никаква намера да врши никакво влијание врз медиумите и врз нивното работење, особено влијание во креирањето на содржината во информативните појаси, истакна министерот без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски на денешната дебата во Струмица околу потребата од Фонд за развој на медиуми.
Додаде дека кога станува збор за поддршка паѓа сомнеж дека власта можеби сака по заобиколен пат да изврши некакво влијание или да ги привлече медиумите на клиентелистички однос.
-Целта е како да се овозможи медиумскиот плурализам да опстане, пазарот да постои, новинарството да добие развојна компонента. Ако ги погледнете критериумите по кои се дава поддршка на печатените медиуми ќе забележите дека поддршка добиваат оние медиуми од општ информативен карактер. За нас е клучно информацијата да допре до граѓаните. За нас е клучно да помогнеме граѓаните да бидат квалитетно информирани и за нас е клучно да ја слушнеме критиката на граѓаните преку локалните, регионалните и националните телевизии и радија и нормално преку печатените медиуми. Ништо друго, дополни министерот Роберт Поповски.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски смета дека регионалните и локалните медиуми заслужуваат внимание, но принципиелен став на ЗНМ е дека се против државни пари во медиумите.
-Не сме против непарични видови помош за медиумите што ќе значат ослободување од разни јавни давачки со кои медиумите денес се обременети, како што Агенција за филм, ЗАМП, даноци, ДДВ и останати давачки. Доколку медиумите бидат ослободени од овие давачки тоа ќе значи за нив помош, смета претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.
На денешната дебата која ја организираше Здружението на електронски медиуми „Медиум објектив“ во Струмица свои ставови искажаа и претставници на Синдикатот на новинари и медиумски работници, Советот за етика во медиумите, граѓански организации и сопственици на телевизиски и радио станици од државата.