Во Коњаре денеска се пошумени два хектара површина со 4.000 садници од багрем, даб, јасен и аризонски чемпрес.
Пошумувањето го спроведоа Министерството за земјоделство и Јавното претпријатие „Македонски шуми“ согласно владиниот План за чист воздух.
Како што најави министерот за земјоделство Љупчо Николовски, вакви акции годинава ќе се спроведуваат и согласно Програмата за проширена репродукција на Министерството.
-Со овие активности придонесуваме за здрава животна средина, што е најбитно за квалитетен живот на граѓаните на Република Македонија. Во наредниот период носиме низа мерки и политики, преку коишто ќе дадеме силна поддршка на секторот шумарство, изјави Николовски.
Според директорот на „Македонски шуми“, Зоран Ѓорѓиев, садниците се од расадот на претпријатието.
-Се враќаме на нашите законски обврски за пошумување, согласно „Посебните планови за стопанисување со шуми”, за кои можам да тврдам дека се стручно извршени од наши вработени и што е најважно, со сопствен расад од нашите расадници“, нагласи директорот.
Во новата Програма за рурален развој за мерката „Инвестиции за зголемување на економската на шумите“ годинава се издвојуваат 30 милиони денари. Оваа сума ќе биде наменета за обновување на шумскиот фонд преку формирање прореди, мелиорација на деградирани шуми, како и директна и индиректна замена на неквалитетната дрвна маса со нови висококвалитетни дрвни видови.
МЗШВ соопшти дека почнува сериозни реформи во шумарскиот сектор, со цел унапредување на шумите и шумарството во целина, преку ново финансирање за проширена репродукција на шуми, како и хармонизација на шумарската политика во рамките на процесот на приближување кон ЕУ. За ефикасна реализација на овие цели, Министерството има финансиска и техничка помош од ФАО за развивање на методологијата за спроведување национален инвентар за шумите и ќе трае до крајот на година.
Шумарството е влезено и во тригодишната програмска рамка на ФАО за Македонија. Дополнително, со европската ИПА 2019, за македонското земјоделство и руралниот развој се планирани 15 милиони евра, со кои првпат ќе се финансира и секторот шумарство.