На покривот на основното училиште „Владимир Полежиноски -Бато” во Кичево деновиве засилено се работеше и конечно целосно заврши поставувањето на фотоволтаични панели за производство на струја од сончевата енергија. Проектот е на Владата, финансиран од Светската банка и Министерството за финансии.

-Панелите ќе ни помогнат во иднина да имаме големи заштеди на електрична енергија и современи услови за работа. Ние сме прво училиште во Кичево што ќе има сопствена електрична енергија произведена од еколошки обновлива енергија, рече Горан Каранфилоски, директор на училиштето.

Во идниот период се очекува и другите училишта од Кичевско, меѓу кои и двете средни во градот, да го следат примерот на ОУ „Владимир Полежиноски -Бато”.