Група од шеесетина туристи денескa реализираа кратка тура за алтернативен туризам во Делчево, при што се запознаа со дел од туристичкиот потенцијал со кој располага градот.
Водичот на групата вљубеници во природата, Глигор Урумов, истакна дека туристите редовно посетувале атрактивни места ширум државата, а ова била нивна прва посета на овој крај од источна Македонија.
– Редовно посетуваме атрактивни места при што денешниот ден го искористивме да го посетиме градот Делчево и околината. Бевме во вашиот Музеј каде имавме можност многу да научиме за културно-историското наследство на Пијанец, рече Урумов.
Развојот на алтернативниот туризам е една од главните цели на планинарското друштво Голак, чиј претседател Љупчо Чучуковски, најави промоција на делчевските природни убавини и во иднина.
– Со денешната тура се реализираше она што го договоривме минатата година со оваа група вљубенициво природата, а тоа е да направиме една тура за алтернативен туризам. Покрај посетата на Музејот го посетивме манастирскиот комплекс „Св.Богородица Балаклија“, како и комплексот кај езерото Сандански. Наша цел е со вакви активности за промоција на туристичкиот потенцијал во Делчево да продолжиме и во иднина, истакна Чучуковски.
Следната тура за алтернативен туризам во делчевскиот крај, групата „Вљубеници во природата“ ја најавија за претстојното лето.