Решавање на проблемите и сеопфатна програма и стратегија за младите е целта на денешната работна средба со младите што ја организираа прилепската локална самоуправа и Коалицијата на младински организации „СЕГА“ . Тие заеднички ја подготвуваат Годишната програма за млади.

Според Маја Стеваноска, асистент по комуникации во младинската колаиција „СЕГА“ младите имаат многу проблеми што сакаат да се решат и да дадат свои предлози.

– Оваа стратегија има за цел да ги вклучи младите во донесувањето одлуки на локално ниво, односно да се слушнат нивните интереси, желби, проблеми, истовремено да предложат некои мерки и решенија кои општината може да ги употреби за заеднички да направи програма за млади. Од досегашните средби со младите, констатиравме дека имаат многу проблеми. Пред сé, недостигаат организирани културни и спортски настани, односно не се чувствуваат доволно вклучени во донесувањето одлуки. Напоменуваат одредени проблеми во комуналната дејност, училиштата и врзани за Економскиот факултет во Прилеп. Конкретно, најмногу се жалаат на корупцијата, изјави Стеваноска.

Младите конкретно говорат за проблеми со корупцијата, со загадувањето, со неможноста да се најдат себе си во општеството па затоа заминуваат во странство.

-Младите најмногу се соочуваат со невработеноста. Или нема работа или нема според образованието. Мислам дека 50 отсто од младите овде не ја гледаат својата иднина. Сметаат дека се дискриминирани и дека немаат исти шанси за вработување, вели Ангела Стојаноска.

– Загадувањето сметам дека е проблем број еден. Тука е и проблемот со вработувањето и мора да се бара решение за да не заминуваме во странство. Би останал тука и би се борел за својата иднина, смета Владимир Бурнески.

Цвете Станојоска, помлад соработник во Одделението за локален економски развој при Општина Прилеп вели дека ќе се формира Советот на млади

-Досега се одржани три поединечни фокус групи: со студенти, средношколци и невладини организации. Денеска сме собрани сите заедно, за да ги дефинираме потребите на младите во Општина Прилеп. На денешниот состанок го потенциравме и завршениот јавен повик за формирање на Советот на млади. Комисијата за општествени дејности и правата на децата при советот на Прилеп, треба да одржи состанок и да го одбере составот на Советот на млади. Тој ќе има девет членови кои ќе работат на младинските политики, на решавање на проблемите на младите, односно поттикнување на иницијативи за нови проекти, изјави Станојоска.