Учениците со посебни потреби од прилепското основно училиште „Климент Охридски“ денеска го посетија „Заводот и музеј“ во Прилеп запознавајќи се со културното наследство, работејќи во работилницата во музејот. Ова е дел од проектот на прилепскиот музеј насловен „Нов настан-почитување“ со што се опфатени учениците од училиштата од сите националности.
Во рамките на денешните активности учениците ги посетија Археолошката поставка и Лапидариумот во музејот и цртаа народни мотиви. Според Лилјана Неделкоска, документатор во прилепскиот музеј, се вклучуваат сите ученици за да не се чувствуваат маргинализирани.
– Досега беа вклучени учениците во повеќе групи од повеќе националности. Сега ги вклучуваме учениците со посебни потреби од ОУ „Климент Охридски“ кои не треба да се чувствуваат маргинализирано. Тие цртаат народни везови, дел од народните елементи. Кога ги прашавме што сакаат, рекоа храна и музика. И на тоа внимававме, зашто децата мора да бидат слободни и задоволни. Целта е мултикултурна соработка на сите ученици, да се зачува националното богатство, да се запознае, да се разменат искуствата, почитување и внимание за различностите, вели Неделкоска.
Неодамна Музејот го посетија и средношколците од медицинското училиште „Ѓорче Петров“ и од гимназијата „Мирче Ацев“. За директорот на „Завод и музеј“ – Прилеп, Благоја Атанасоски, проектот е долгорочен.
– Со овој проект сакаме да ги вклучиме сите ученици. Проектот треба да биде долгорочен и да се развива секоја година. Интенција наша и на Министерството за култура е сите ученици да ги вклучиме во запознавањето на нашето културно богатство, изјави Атанасоски.
Во наредниот период во проектот ќе бидат вклучени и учениците од општина Долнени, како и учениците од турска националност од прилепското село Канатларци. Активностите треба да се заокружат на денот на музеите, 18 мај, со отворањето на Лапидариумот.