Пензионерите од Општините Дебар и Центар Жупа, годинава, споредено со претходните години покажале помал интерес за користење на бесплатна бањско-климатска рекреација.

Како што информираат од Деловната единица на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во Дебар, што со својата активност ја покрива и Општина Центар Жупа, барање за користење на оваа поволност доставиле 63 пензионери.

– На повикот од страна на Министерството за труд и социјална политика, барања доставија 63 пензионери од двете општини, што е многу помал број споредено со претходните години. Тоа е главно поради фактот што оние кои веќе го користеле ова право, годинава немаат право да доставуваат барања, изјави Бардул Баланца, референт во дебарската Деловна единица.

Од 2010 година кога почна да се спроведува овој проект до лани на бесплатно бањско климатска рекреација биле околу 400 пензионери од Општините Дебар и Центар Жупа.

Во двете општини има над две илјади пензионери, од нив над 400 во Општина Центар Жупа.

Бесплатната бања пензионерите ја користат во пролет и на есен во познатите Дебарски Бањи–Цапа, каде престојуваат пензионерите од југозападниот регион на нашата држава.