Во италијанскиот град Матера, кој годинава со бугарскиот Пловдив ја дели титулата „Европска престолнина на културата“, во петокот премиерно беше изведена претставата „Humana Vergogna“ од проектот „Поетика на срамот“ на Здружението „Артопија“ од Скопје и #reteteatro41 од Италија.

Проектот е во рамки на манифестацијата „Матера – европски град на културата 2019“, а во процесот на реализација беше претставен и во Младинскиот културен центар на крајот на минатата година. Во декември во Скопје беше одржана и панел-дискусија на тема: „Ајде да зборуваме за срамот”.

Во петчлената интернационалната екипа на претставата е и актерката Симона Спировска, која во интервју за МИА зборува за премиерата, подготовките и за самата идеја на проектот „Поетика на срамот“, како и за нејзините впечатоци од градот Матера каде што поради обврските престојува во изминатиот период.

Како помина и каде беше премиерата на претставата „Humana Vergogna“, кој учествува во неа и зошто се случи порано од планираниот датум, 9 март?

-Првично беше планирана една изведба за 9 март, но премиерата се случи на 1 март поради тоа што во местото на изведбата – затворот во Матера (Casa circondariale di Matera) не може да присуствуваат повеќе од 60 гледачи. Фондацијата „Матера 2019“ одлучи премиерата да биде порано за да има повеќе изведби и луѓе што ќе ја гледаат претставата. Така што, од петокот веќе имаме изведби, а и пред тоа имавме две за затворениците.

Претставата е, всушност, последната фаза од проектот „Поетика на срамот“. Подготовките се одвиваа во Сатријано – мало место во областа Базиликата на околу два часа од Матера, Пред една недела дојдовме во Матера.

Последните проби и сите изведби предвидени во Матера се во затворот и таа локација не е случајно избрана. Како дел од истиов проект кон крајот на минатата година во оваа институција се одвиваше театарска работилница, со луѓето кои престојуваат таму, а конечниот резултат од таа работилница, оваа претстава, имаше и отворена изведба за семејствата на учесниците и, секако, за сите заинтересирани.

Актерската екипа е составена од пет изведувачи. Покрај мене, учествуваат и тројца од Италија – Антонела Јалоренци, Мариаграција Начи и Матија Џордано, и Ема Таширо од Јапонија. Режисери на проектот се Силвија Грибалди и Матео Мафесанти.

Што е, всушност, „Поетика на срамот“ и зошто е така насловен? Матера бил „град на срамот“ пред половина век поради екстремната сиромаштија, но упатува ли овој проект и на други, актуелни „срамни“ појави?

-Проектот „Поетика на срамот“ е инспириран од трансформацијата на Матера од срам на Италија во европски град на културата. Овој град се издигнал од сопствениот срам, претворајќи го во гордост.

Низ претставата се обидовме токму низ оваа призма да го погледнеме човековиот срам во сите негови облици. Извртените општествени вредности ги дефинираат „срамните“ појави и ние денес, всушност, се срамиме поради нешта кои нè прават различни и убави, а истовремено сосема бесрамно уништуваме сè околу себе. Немањето срам е сериозен недостаток, но што е денес срамно?

Како дојде до оваа копродукција со #reteteatro41 и дали очекувате таа да отвори нови можности за соработка меѓу „Артопија“ и автори/уметници од Италија?

-#reteteatro41 е, всушност, театарска мрежа составена од четири здруженија, меѓу кои и „Петра“, со чии членови се познавам повеќе години. Така што, ова е пријателство кое продолжува и расте.

Сите се надеваме на идни можности за соработка меѓу „Артопија“ и „Петра“ кои, секако, би вклучувале млади уметници од двете земји и воопшто од Европа.

Какви се Вашите впечатоци од тој јужноиталијански град и од неговата организираност за целогодишната манифестација „Европски град на културата 2019“?

-Матера е волшебен град, кој низ годините успеал да ја зачува сопствената автентичност и убавина. Граѓаните кои живееле во стариот дел од градот никогаш не се срамеле од условите, кои за нив биле секојдневие. Матера била прогласена за срамна од политичарите, кои тој начин на живот го сметале за недостоен. Матера е горда и денес, како што била и тогаш. Но ненаметлива.

Тече вториот месец од официјалното отворање на „Матера 2019“ и секој ден се случуваат барем два поголеми настана, а изложбите се постојано отворени за посета.

Цел град живее со култура и за култура. Сите објекти им се на располагање на уметниците и на делата. Целта е објектите кои не ѝ припаѓаат на културата да бидат „оживеани ̋ од поинакви настани.

Хатка Смаиловиќ