Територијалната противпожарна единица од Кавадарци, која дејствува на териториите на кавадаречка и росоманска општина, за два месеца има регистрирано 109 пожари од кои 70 отсто избувнале на отворен простор. Голем дел од нив се поради несовесно горење на отпадот од лозјата, од страна на поединци. Само вчера имало пет големи интервенции, кои барале повеќечасовно гаснење.
Градоначалникот Митко Јанчев и командирот на единицата, Александар Чадамов, денеска апелираа на внимателност при горењето на прачките по резидбата на виновите лози. Нагласија дека загрозувањето на безбедноста е кривично дело и додадоа дека превентивно работат на терен заедно со полицијата и Центарот за управување со кризи.
Тие изразија задоволство што по педесет години е извршено внатрешно и надворешно реновирање на противпожарната зграда, уреден е дворот и изградени се гаражи, а обезбедени се возила и опрема. Исто така, станицата е доекипирана и сега има 27 пожарникари. Градежните работи ја чинеле општината 11 милиони денари, а возилата и опремата кои пожарникарите ги добија изминатава година, се донација од повеќе кавадаречки компании.
-Сега нашите пожарникари во целост се спремни да делуваат на терен. Тоа беше една од најголемите обврски на општината, бидејќи противпожарната е под нејзина директна ингеренција. Во континуитет ќе ја модернизираме опремата, за која посакуваме повеќе да се користи за вежбање, отколку за интервенции. Пожарникарите секаде во светот се големи херои и ценети луѓе, се надевам и во нашата Република Северна Македонија ќе бидат ценети и горди луѓе со поголеми примања. Ќе бидам поборник за покачување на нивните плати, рече Јанчев.
Чадамов нагласи дека единицата е комплетно опремена, а доказ за тоа се брзината и ефективноста со која се потврдуваат при секоја интервенција. Кога има потреба од дополнителен пожарникарски ангажман на терен се повикуваат и пожарникари кои не се на смена. свд/вј/