Регионална работилница за подигнувањето на свеста за консолидација, односно окрупнување на земјоделското земјиште се одржа денеска во Прилеп. Ова е дел од проектот „Воведување на национална програма за консолидација на земјиштето, што го спроведува ФАО со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, финансиран од Европската унија. Работилницата се одржа со земјоделците, сопственици на земјоделското земјиште и со локалните заедници од Прилепско, Кривогаштанскиот и Долненскиот регион. Проектот се спроведува од 2017 и ќе трае до 2020 година.

Според Наташа Љубецки-Ангелиќ, вработена на проектот „MAINLAND“ со денешната работилница почнува вториот циклус на селекцијата на подрачја што се погодни и каде има интерес за окрупнување на земјоделското земјиште кое ќе донесе поефикасно земјоделско производство, подобрување на руралната инфраструктура и намалување на загадувањето. Досега во повеќе региони има интерес и процесот е во различни фази, а во прилепскиот регион допрва ќе се развива интересот, а погодни локации за окрупнување на земјоделското земјиште, може да се најдат.

– Го почнуваме вториот циклус на селекција на подрачја што се погодни и каде има интерес за окрупнување на земјоделското земјиште. Во наредниот период од два месеца нашата задача, заедно со Министерството за земјоделство, да ги информираме, најблиску што можеме, сите сопственици на земјоделско земјиште која е постапката за аплицирање и кои се придобивките од почнувањето на постапката за окрупнување, односно консолидација на земјоделското земјиште. За ова ќе имаме повеќе средби низ цела Македонија, вели Љубецки-Ангелиќ.

Таа смета дека од суштествена важност е да се одберат вистински локации каде има потреба и оправданост да се почне постапката за окрупнување.

– Идеална локација не постои, но во предвид ги земаме сите локации каде, пред се, има активно земјоделско производство, има голема расцепканост на приватните парцели, а од клучна важност е и интересот и подготвеноста на локалната заедница, пред се сопствениците на земјиштето, да влезат во еден ваков процес. Постапката е долготраен процес од година или две и се спроведува во неколку фази: детална анализа на сопствениците на земјиштето, кои имотно-правни проблеми ги имаат и дали може да се решат со постапката на окрупнување, кое е земјоделското производство и ризиците, но и можностите за подобрување на земјоделските практики, како и анализа е состојбата со инфраструктурата. По ова почнува суштинската постапка за консолидација со разговори и преговори со сопствениците на кој начин ќе се окрупнат нивните имоти. На пример, секој сопственик ако има еден хектар, расцепкан на 4-5 парцели, преку окрупнувањето, би го добил својот имот на една локација. Со тоа ја зголемува ефикасноста на производството, ги намалува трошоците во производството и се намалува загадувањето кое го прави земјоделското производство. На крајот се издаваат имотни листови со новата состојба. Сопственикот не губи ништо. Има локации во различна фаза на постапките на консолидација: пет активни се во Битолскиот регион, четири во Кочанскиот, во Гевгелиско-Богданскиот регион, во Радовишкиот регион. Полека овој концепт се прифаќа. Досега во Прилепско-Кривогаштанскиот и Долненскиот регион немаше интерес, но сега разговараме зашто речиси во сите села постојат можности за окрупнување на земјоделското земјиште, објаснува Љубецки Ангелиќ.

Ефикасно и економски исплатливо е да има окрупнување на голем број хектари и на голем број сопственици.

– Не постои минимум за интересот за окрупнување, но треба да бидат поголеми површини поради економската исплатливост. Има локации за окрупнување од 80 па до 600 хектари. Бројот на сопственици не е лимитиран, но да не биде под 15 или 20 сопственици на земјоделско земјиште. Имаме примери за окрупнување на земјиште на 50 па и на 1000 сопственици на парцели, изјави Љубецки Ангелиќ.

Вилма Даугалиене, главен технички советник од ФАО нагласува дека процесот на консолидација или окрупнување на земјоделското земјиште е ефикасен подолго време во повеќе европски земји, а во Република Северна Македонија е релативно нов процес.

– Станува збор за ефикасен инструмент за управување на земјоделско земјиште од кој краен бенефит имаат самите земјоделци, зашто им помага да ја подобрат територијалната основа за спроведување на земјоделските активности што би резултирало со зголемена конкурентност на земјоделското производство. Консолидацијата на земјоделското земјиште е процес на репарцелизација на раситнетите земјишни парцели, се окрупнуваат, што ја подобрува руралната инфраструктура, наводнувањето и одводнувањето, изјави Даугалиене.

Проектот за консолидација на земјоделското земјиште трае од март 2017 до август 2020 година. Буџетот на проектот е 2,56 милиона евра, финансиран од Европската Унија.