Од новите седум мерки за самовработување согласно Оперативниот план на Агенцијата за вработување објавени пред десетина дена, невработените велешани најголем интерес досега пројавиле за програмата за самовработување со грант од 5.000 до 10.000 евра. Интерес има и за субвенционирање плати на лица од повеќе категории, посебно од ранливие групи граѓани со можност за вработување со бруто плата од 19.000 денари за три, шест или 12 месеци.
Како што информира за МИА раководителот на Агенцијата за вработување во Велес, Трајко Бабунски, невработените пројавиле интерес и за обука на работно место кај познат работодавач.
-Невработените може да се пријават и за обука за стручни квалификации според барањата на работодавачот, односно според потребите на одредени занимања на пазарот на труд, како и за обуки за занаети: бравари, слаткари, пекари и автомеханичари, вели Бабунски.
Заинтересираните невработени лица можат да се пријават во клубовите за невработени на Агенцијата.
Според Бабунски, интересна е и програмата за практиканство која се однесува на невработени лица до 34 години кои се уште немаат пракса. Преку оваа мерка, освен искуство, за три месеци ќе добиваат и по 9.000 денари. Седмата мерка е програмата за работи во комуналната сфера и инфраструктурата што се реализира во соработка со општините.
-За разлика од претходните години, со новите мерки на Агенцијатаможе да се пријави и секое невработено лице и по излегување на програмата, а не како што беше досега, до нејзино објавување. Разликата е што нема термин до кога ќе се пријавуваат, туку тоа ќе биде се’ до исполнување на бројот на предвидени места, нагласува Бабунски.
Тој апелира сите невработени, посебно младите, како и оние од ранливите групи, да аплицираат за една од мерките за самовработување. Потребните формулари за апликација се пополнуваат во клубовите за невработени во Агенцијата за врабување.
За новите мерки за самовработување преку електронска пошта во реонот на Велес се известени и повикани на соработка 507 фирми.