По делегацијата на Европски Парламент, која во Тирана престојуваше минатата недела, поради длабоката политичка криза, вечерва, во албанската метропола ќе допатува генералниот директор на Европската комисија за соседска политика и преговори за проширување, Кристијан Данијелсон.
Посетата на високиот претставник на ЕУ беше претходно планирана, но таа се случува порано поради политичката криза во земјата, која ќе биде во фокусот на разговорите. Првата средба Данијелсон ќе ја има утре со премиерот Еди Рама, по што планирана е средба со лидерот на најголемата опозициска сила Демократската партија, Љуљзим Баша. На пладне Данијелсон ќе одржи прес-конференција.
Инаку, делегацијата на ЕП, која во Тирана престојуваше два дена, замина разочарана бидејќи не ја убеди опозицијата да се откаже од бојкотот на Парламентот, од одлуката за откажување од пратеничките мандати и да седне да разговара со Владата.