Најголем дел од македонските компании ја испочитувале законската обврска за исплата на минималната плата од над 12.000 денари е оценката на министерот без ресор, задолжен за регулативата за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Зоран Шапуриќ, кој денеска беше во посета на Штипскиот универзитет. Проблем со исплатата на минималната плата имаат ниско профитабилните компании, односно од текстилната и кожарската индустрија.
– Ние како држава не треба да бидеме дестинација за евтина работна сила и за домашните и странските инвеститори. Околу најавите за зголемување на минималната плата, тоа ќе се види, ќе се анализира и ќе се донесе соодветна одлука, рече Шапуриќ.
Тој истакна дека Владата на Република Северна Македонија е отворена за дијалог со бизнис секторот, за да се донесат вистинските решенија.
Министерот без ресор, Шапуриќ забележа дека со новиот Закон за финансиска поддршка на инвестиции, како за странските, така и за домашните компании од буџетот се издвоени 18 милиони евра. Смета дека странските инвестиции се потребни и добредојдени, но македонското стопанство мора да се потпира и на домашните компании што работат за извоз и што овозможуваат девизен прилив.
Шапуриќ додаде дека располагаме со високо обучен стручен кадар, што може да одговори на идните предизвици, за што Штипскиот универзитет веќе соработува со неколку претпријатија. Министерот без ресор во Владата на Република Северна Македонија, денеска го посети Машинскиот и Природно-Техничкиот факултет, а се сретна и со ректорот на универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Блажо Боев.