Со поддршка од Министерството за здравство ќе се решава проблемот со недостиг на персонал во амбулантата во Македонска Каменица. Вработувањата во оваа установа што работи во состав на здравствениот дом „Гоце Делчев“ од Делчево ќе се реализираат по претседателските избори, најави денеска државниот секретар при Министерството за здравство, Владимир Милошев, кој беше во работна посета на Делчево и Македонска Каменица.

– Како Министерство за здравство сме обврзани да влеземе во процес на менаџирање на решавање на потребите и на проблемите во здравствените установи. Со директорката веќе разговаравме за недостигот од кадар во амбулантата во Македонска Каменица. Таму од предвидени четири тима, активни се само три, што значи дека недостасува доктор во Итната медицинска помош. Недостасува и помошен персонал за што Министерството за здравство е спремно да даде согласност за вработување, веднаш по изборите, бидејќи согласно со законот за време на избори не е дозволено да се врши вработување истакна Милошев.

Директорката Марија Глигоровска рече дека се разговарало и за специјализации во установата потребни за оваа и за наредната година.

-Имаме направено свој план во поглед на тоа, а државниот секретар изрази желба да ни помогне ако имаме потреба и во други специјалности, истакна Глигоровска.

На средбата е најавена поддршка од Министерството и за доопремување на возниот парк во здравствениот дом „Гоце Делчев“-Делчево.