Десетина тезги на Реонскиот пазар во Куманово се обиени ноќва и одземени се пари, информираа денеска закупците на тезгите на пазарот лоциран на булеварот „Октомвриска револуција“.Тие реагираат дека ова не се случува прв пат, и претходно им биле крадени и пари и роба. Бараат од надлежното претпријатие да изгради повисока ограда околу пазарот и да ги подобри условите за работа. Од кумановската полиција го потврдија случајот и информираат дека работат на целосно расчистување.

– Наназад со години не крадат. Обиени се катанци и одземени се пари. Претходно ни крадеа роба, грав, домати, што за нас е навистина скапо да се набави и да работиме. Една вреќа грав чини 50 евра. Нека преземат мерки надлежните, бидејќи од нас земаат плата, вели закупецот Љубинка Несторовска.

Пазарџиите велат дека редовно плаќаат тезги по 50 евра, за УЈП 150 евра, струја, данок 18 проценти, па заради тоа бараат и соодветни услови за работа, вклучително и зголемена безбедност.

Одговорното лице од реонскиот пазар, Горан Дамјановски вели дека ова е прв пат масовно да се обиени катанци на десетина тезги што е една третина од вкупниот број на овој пазар во Куманово.

– Најмногу пријавија кражба на ситни пари. Сепак во договорот не пишува дека ние гарантираме за робата што е оставена по завршување на работното време, вели Дамјановски.

Од ЈП „Пазаришта“ го осудија настанот, но велат дека до нив не е доставена писмена претставка од закупците. Тие апелираат да се откријат и казнат сторителите.

– Директорот Илир Саити оствари средба со оштетените пазарџии и во најкраток рок ќе бидат спроведени активности за зајакнување на оградата како вложување од помал обем, се вели во реакцијата на „Пазаришта“.

И градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, рече дека е информиран од надлежните и повика случаите да се пријават до МВР. Тој апелирал до претпријатието да ангажира обезбедување за дополнително да се заштитат пазарите.