Седум пожарникари со две противпожарни возила попладнево го гаснеа пожарот кој избувна во месноста Мезовски ливади, во предградието на Крива Паланка. Опожарени се еден хектар обработливо земјиште, овоштарници и сува трева, а пожарот бил во близина на куќите во овој реон.
Од Територијалната противпожарна единица Крива Паланка посочија дека брзата и навремена интервенција на пожарникарите спречиле да настане поголема материјална штета, како и проширување на пожарот.
-Дојавата за пожарот е примена околу 14:30 часот, по што на терен се упати едно возило со тројца пожарникари, а поради ветерот и топлото време, пожарот брзо се ширеше, па на терен интервенираа две возила и седум пожарникари. Пожарот е локализиран и ликвидиран до 17 часот, информираа од ТППЕ-Крива Паланка.
Ова е трет пожар во изминатото деноноќие. Пожарникарите од Крива Паланка овие два дена интервенирале на вкупно три пожари.
– Во текот на вчерашниот ден се случија два пожари, сите на отворен простор. Вчера околу 13:15 часот е примена дојава за пожар во село Киселица, местото Вели врв, каде изгореа околу еден хектар ниска вегетација, дабова шума и овошки. Околу 15 часот, пак, интервениравме на пожар во населбата Белево, каде во близина на игралиштето опожарена е сува трева на површина од околу 300 метри квадратни. На двата пожара интервенирано е со едно возило и тројца пожарникари, додаваат од ТППЕ.
Оттаму упатија апел до граѓаните крајно внимателно да се однесуваат при палењето стрништа и останати материјали при подготовка на земјоделските површини за пролетното обработување.