Претставници на Здружението „Стар Лагадин” ја оценија продуктивна завчерашната средба со претседателот на Владата Зоран Заев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, посветена на урбанистичките проблеми на Охридското крајбрежје, конкретно во селото Лагадин.

Според соопштението од „Стар Лагадин“ на средбата била нагласена заедничката заложба во борба против неправилностите во изградбата на објекти долж Охридското крајбрежје во зачувување на природната уникатност и биодиверзитетот на Охридското езеро и културното наследство на овој регион, заштитено од УНЕСКО.

– Ги цениме напорите на Премиерот и Министерот да изнајдат решение за ставање на Општиот акт за село Лагадин вон употреба, односно да не се постапува по Општиот акт за сите започнати, одобрени и потенцијални барања чија основа бил/е Општиот акт сé до донесување на Детален Урбанистички план за село Лагадин. Воедно, го цениме и напорот во изнаоѓање на решение објектот да биде отстранет, срушен, поради прекршување на повеќе законски регулативи споменати во Извештајот на Државниот градежен инспекторат по координативната ревизија на објектот од 27.01.2017 година, стои во соопштението.

Истовремено членовите на Здружението „Стар Лагадин” посочуваат дека остануваат на своите определби за заштита на урбанистичкиот интегритет, животната средина и одржливиот развој на село Лагадин и на севкупното Охридско крајбрежје.

– Отворени сме да го поддржиме новиот Детален Урбанистички План за село Лагадин кој би ги задоволувал сите урбанистички, градежни и еколошки регулативи, велат тие, нагласувајќи оти своите понатамошни активности здружението ќе ги конципира во зависност од мерките што ќе ги превземат надлежните институции, пред се надлежното Министерство и Општината Охрид, во однос на ставање на Општиот акт за село Лагадин вон употреба и уривање на неправно изградениот хотелски комплекс.