Младите од населбата „Милково Брдо“ се подготвени да ја продолжат традицијата на палење смреков оган во чест на празникот „Прочка“ или „Велики Поклади“. За таа цел деновиве приврши акцијата за собирање смрека од блиската шума чиј оган ќе го запалат утре во вечерните часови.

-Оваа традиција останала од постаро време, нам постарите ни кажуваа дека огнот се пали да се истера злото од старата година, да се влезе со чисто во новата година, така сме слушале од постарите, така им пренесуваме на внуците, вели Петре Петровски, жител на населбата Милково Брдо.

Младите кои смрека обезбедија од околината на месноста Острец се сигурни дека нивниот куп годинава ќе биде меѓу највисоките во Делчевско.

-Смреката ја набравме од местото викано Острец. За сечењето се организиравме сами, а за редењето и натоварувањето ни помогнаа повозрасните, истакна Бојан Ѓорѓиевски, еден од помладите жители на Милково Брдо.

За што подобра организација и достојно одбележување на „Прочка“ во текот на вечерта ќе се служи и трпеза со домашна баница, топла и ладна ракија, варени јајца и други намирници, подготвени од вредните раце на домаќинките.

Изговарајќи ги зборовите „Прости ми“, а притоа, добивајќи одговор „Простено нека е и од мене и од Бога“, помладите во текот на цела недела одеа кај постарите, барајќи прошка за грешките од изминатата година.

Како дел од старата традиција за „Прочка“, смреков оган ќе се пали во речиси сите населби и села во Делчевско.