Продолжувајќи ја традицијата, по повод Велики поклади-Прочка, дебрани прво прошка побараа од починатите блиски роднини.
По литургијата во Црквата „Света Петка“, која ја отслужи намесникот на дебарската парохија,Миле Ангеловски ,верниците се вратија во своите домови, каде варат бели јајца по што заминуваат на градските гробишта.
– Оваа традиција е со векови. Можеби е поинаку од другите градови, но кај нас прошка прво бараме од починатите. Кај нивните вечни почивалишта откако ќе запалиме свеќа, ставаме по едно јајце а носиме и благо, вели Киро Радоешки, врз чии плеќи натежнале деведесет лета.
Традицијата потоа налага заеднички ручек, на кој присуствуваат најблиските.Бидејќи голем број од породот на дебрачни се на работа во други градови, главно во Скопје, повеќето од нив денеска се со своите родители. Оние кои се во странство задолжително се јавуваат за да побараат прошка.
Навечер браќа, сестри, внуци, одат кај повозрасниот брат или сестра и бараат прошка.