Членовите на планинарскиот спортски клуб “Осогово” од Кочани упатија апел до ловците од регионот на Осоговските Планини да ги најавуваат хајките на штетен дивеч, за да се избегнат опасностите за лицата кои престојуваат во природа. Причина за реакцијата е непријатната случка во која граѓани-рекреативци можеле да настрадаат од заскитан куршум на маршот што се реализирал во атарот на селата Пантелеј и Рајчани. Ненајавената хајка на ловците придонела планинарите да се најдат токму на теренот каде што се пукало, па само присебноста на поискусните од групата помогнала групата да сеизвлече без последици.
– Временските услови веќе овозможуваат да се интензивираат нашите активности на терен, но често се случува да имаме “блиски средби” во кои може да станеме погрешна мета за љубителите на ловот на дивеч. Токму поради тоа, апелираме до ловечките здруженија, но и поединечно до сите ловци, дека излегувањето на лов без да се даде информација во јавностаза тоа е опасно за сите граѓани кои планинарат или рекреативно престојуваат во Осоговијата. Посебно, таквите известувања е потребно да се дадат за време на викендите кога раздвиженоста во планината е поголема, истакна Тошо Антов, претседател на ПСК “Осогово”.