Заврши реконструкцијата на кујната во Средното општинско училиште (СОУ) „Коле Нехтенин“, каде учениците од угостителската струка ја реализираат практична настава. Директорот на училиштето, Дејан Павлов на денешната прес-конференција истакна дека станува збор за инвестиција од 15.000 евра.

– Во реконструкцијата опфатено е комплетно реконструирање на просторијата на кујната за практична настава. Тоа значи кујната има нова електрична и водоводна инсталација, нови плочки, современа апаратура и се што е потребно за квалитетна едукација на учениците од овој смер, вели Павлов.

Наставникот, Горан Антониевски вели дека со оваа нова кујна на учениците ќе им се олесни процесот на изведување практични вежби.

– Со фактот дека сега имаме современо опремена кујна, ќе се збогати начинот на реализација на практичната настава, а ќе имаме и добро квалификуван образовен кадар од оваа струка што ќе е конкурентен на пазарот на трудот, рече Антониевски.

Директорот Павлов забележа дека завршено е и уредувањето на училишниот хол, опремени се и кабинети за спорт и еден за електро-струка, а исто така, воведено е и дигитално ѕвонче.