Со низа практични обуки и презентација на искуства стартуваа активности за реализација на Планот и програмата за контрола на популацијата на бездомните кучиња во Охрид. Експерти од Велика Британија наредните неколку дена ќе одржат практични обуки и презентираат техники поврзани со заловување и третман на бездомните кучиња.

Експертот Брајан Фокнер, претставник на Кралската асоцијација за превентива на суровоста кон животните од Велика Британија пред претставници на Локалната самоуправа, ЈП „Охридски комуналец“ како имплементатор на програмата и претставници на невладиниот сектор презентираше показни вежби за препознавање на карактеристиките на бездомните кучиња, со техники и методи на нивно заловување.

Наредните три дена предвидуваат практична обука на терен, посета на прифатилиштето за бездомни кучиња и пренесување позитивни практики во неговото управување.

Согласно Планот и програмата за контрола на популацијата на бездомните кучиња во Охрид, неодамна по пат на негативно наддавање беше избран субјект односно специјализираната ветеринарна служба што ќе ги третира заловените кучиња.

Законската регулатива предвидува заловување на кучињата, нивна стерилизација или кастрирање, а потоа враќање на кучињата на местото каде биле заловени. Во рамки на ЈП „Охридски комуналец“ формирана е шинтерска служба, обезбедени се две „пик-ап“ возила и вработен е шинтер. Преку донација на приватна фирма од градот обезбедени се кафези за привремено сместување на бездомните кучиња.

Надлежните од Општина Охрид во повеќе наврати посочија дека за решавањето на проблемот со бездомните кучиња во градот ќе биде потребен подолг временски рок, дотолку повеќе што покрај досегашниот неконтролиран прираст на животните и несовесното однесување на лица кои ги пуштаат нивните дотогашни миленичиња, во неколку наврати се забележани случаи на носење бездомни животни од други места и градови, кои на тој начин се обидуваат да го решат проблемот во својот атар.