Иако Владата одлучи да ги намири побарувањата на лозарите за грозје продадени пред неколку години, а потоа да наплати од винарниците должници, има поединци кои со своите застапници бараат стечај за винарската визба „Повардарие” од Неготино. Тоа не е во ред бидејќи се комплицира целата ситуација и во иднина можно е дупло плаќање исти обврски. Нам не ни одговара стечајна постапка во винарницата што со години го откупуваше вишокот грозје во државата. Не го оправдуваме доцнењето на парите, но нагласуваме дека за нас е подобро активна отколку ликвидирана винарница. Вака денеска во изјава за МИА рече Трајче Кулев, претседател на Здружението „Напредни лозари“ од Кавадарци.
– Во најкус можен рок очекуваме Владата да го исполни ветеното. Затоа ги замолуваме оние кои бараат претстечајна постапка, да се откажат од таквата намера и да се воздржат уште малку, да ги повлечат барањата, апелира Кулев.
Да се стрпат лозарите и да не преземаат фуриозна панична реакција, да не се опструира веќе договорениот процес повика и Глигорчо Ристов, технички директор во винарската визба.
– За многу краток период ќе се заврши плаќањето по сите основи по кои должи „Повардарие”. Најголем дел од долговите е веќе исплатен. Со чинот на барање за поведување постапка се создаваат дополнителни обврски и проблеми за компанијата, рече Ристов за МИА.
За откупено грозје од претходни години, винарницата им должи на лозарите уште околу 58 милиони денари.
Раде Јефтовиќ, директор на „Вино Жупа“ од Србија, кој е сопственик на неготинската винарница и претседател на Одборот на директори во „Повардарие“, нагласи дека барањата за претстечајна постапка во изминатиот период им создаваат проблеми и трошоци, а им земаат и од енергијата, им ја продолжуваат агонијата во и онака тешката ситуација. Да не се занимавале со сето тоа, додаде, исплатата на заостанатите долгови сигурно ќе била побрза.
Во изјава за МИА, тој соопшти дека „Повардарие“ реално излегува од една тригодишна агонија, од мрак и неизвесност во кој беа и лозарите, и планира да откупува грозје годинава.