Сува трева и нискостеблеста шума на различни локации гореа во Кумановско во текот на вчерашниот ден, информираа денеска од територијалната противпожарна единица. Палење на стрништа и ветерот се главна причина за настанување на пожарите. Петнаесет пати интервенирале пожарникарите од кумановската противпожарната единица.

Гореле сува трева и гранки во боровата шума во населбата „Бабин Дол“. Горела нискостеблеста шума кај Липково над браната кон селото Стрима каде пожарникарите заедно со екипи на кумановската подружница на „Македонски Шуми“ неколку часа го гаселе пожарот .

-Во текот на денот следуваа бројни интервенции на различни локации, долж автопатот Куманово-Скопје кај патарината кај Романовце, кај Агино Село, во Романовце, во два наврати, кај манастирот, станадардно спороти Спомен костурницата, зад поштата во населбата „Перо Чичо“, кај стадион „Башкими“ и уште осум интервенции од кои најгголем процент сува трева и стрништа, изјави командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски.

И од кумановската подружница на „Македонски шуми“ интервенирале неколку пати во текот на вчерашниот ден. Според информациите на Регионалниот центар за управување со кризи во Липковско со пожар била зафатена површина од околу 50 хектари. Вработените на „Македонски шуми“ заедно со екипите на противпожарната единица успеале да го изгасат во текот на денот. Горела и сува трева и ниска шума на површина три хектари во Скачковце и во Габреш. Двата пожари целосно се локализирани.