Се поголем број млади имаат желба да станат планинари, но се помалку ги знаат опасностите и ризиците со кои можат да се соочат во природа. Ова е заклучокот од денешното предавање за планинарството со младите од Македонска Каменица, кои од страна на лиценцираниот планинарски водич Љупчо Чучуковски се запознаа со основната опрема што треба да ја поседува секој планинар.
– Како регионален координатор за Југоисточна Македонија при Федерацијата за планинарски спортови на Македонија, учениците од гимназијата „Миле Јаневски – Џингар“ ги запознав со основните поими од областа на ориентацијата, првата помош, облеката и опремата што е потребна за добро и безбедно рекреирање во природа и планина. Целта е преку Федерацијата да ги запознаеме сите учесници посебно младинците со безбедното планинарење, но исто така и опасностите и ризиците кои постојат во природа и планина, истакна Чучуковски.
Младите од Македонска Каменица велат дека се повеќе се заинтересирани за планинарење.
– Мислам дека планинарството е во подем. Со тоа што ние младите сме се повеќе заинтересирани за конекција со природата, сметам дека во иднина ќе се зголемува интересот на младите за рекреативно планинарење, истакна ученичката Викторија Стаменковска.
Едукативни предавања на оваа тема претходно се одржаа и со учениците од гевгелискиот регион.