Градоначалниците од Источно-планскиот регион дадоа зелено светло за три проекти, кои добија најмногу бодови на регионалните форумски сесии.
Како што информираше денеска Драгица Здравева директор на Центарот за развој на Источно-планскиот регион (ИПР), станува збор за средства од 95.000 швајцарски франци, коишто Брегалничкиот регион може да ги искористи за реализација на проекти, финансирани од швајцарската Агенција за обнова и развој.
Според рангирањето прв на листата е доградба и реконструкција на Домот за стари лица во Берово, со вкупен буџет од 8,5 милиони денари, донаторот финансира 4,8 милиони денари, а останатото ќе биде кофинансирано од Општина Берово. Вториот проект е партерно уредување на Пехчевските водопади, со буџет од 5,4 милиони денари, повторно 4,8 милиони денари е од донаторот, а останатите треба да ги кофинансира општината и третиот проект е реконструкција на ски лифт на Пониква во Општина Кочани.
-Вие знаете што значи Пониква за овој регион, кој е единствен ски туристички центар и буџетот за овој проект е 4,8 милиони денари и се поклопува со буџетот на донаторот, вели Здравева.
Таа истакна дека вработените во Центарот за развој на ИПР треба да ги подготват апликациите и целосната документација, по што проектната единица во Министерството за локална самоуправа и швајцарската Агенција за обнова и развој ќе одлучат, кој од предложените три проекти ќе се реализира.
Здравева информира и дека минатата година како Центар за развој на ИПР реализирале голем број проекти, чијашто вкупна вредност изнесуваат над 80 милиони денари, од кои околу 90 % се капитални инвестиции.
Во моментов со средства од Бирото за рамномерен регионален развој и Министерство за локална самоуправа се реализираат три проекти, и тоа детската градинка во штипската населба Сењак, каде што и Општина Штип има големо учество во кофинансирањето, потоа изградба на пешачки мост на реката брегалница во Делчево, а деновиве ќе се потпише и договор за изградба на пат до индустриската зона Чуката во Општина Пехчево.
Здравева потенцира дека по позитивните електронски аукции очекува да останат средства и за изработка на технчиката документација за енергетски ефикасни објкекти за 11-те општини. Во меѓувреме, чекаат и на одобрување нови средства од Бирото за рамномерен регионален развој, за вкупно четири проекти. Минатата година завршени се и неколку проекти, кои се финансираа од фондовите на ЕУ, односно од Програмата за меѓугранична соработка со Бугарија.