Генералниот директор на Универзитетот ФОН, Сефер Цаноски и директорот на Европскиот Институт „CIFE“ од Ница, Франција, Матијас Вахтер денеска информираа дека го почнуваат процесот за заеднички студии, двојни дипломи, краткорочни и долгорочни курсеви, како и летни и зимски школи од областа на евроинтеграциите. Програмата ќе биде насловена „We bring Europe!“

Од ФОН соопштија дека претседател на одборот на Институтот ЦИФЕ е поранешниот претседател на ЕУ, Ван Ромпуј. Оваа реномирана институција е под директно покровителство на Европската комисија која работи според Жан Моне програмата и повеќе од 50 години создава кадар за потребите на европските институции. Сегашниот претседател на ЕУ, Жан Клод Јункер е почесен претседател на овој институт.

Со одлуката на ЦИФЕ да го направи Скопје и ФОН регионален центар за ваков тип студии, првенствено ќе добијат студентите и младите професионалци, но и самата држава која ќе стане универзитетски центар на најдобрите стратези, дипломати и лобисти. Заедничките постдипломски студии се планирани да започнат во ноември, наведуваат од ФОН.