Дваесет и три крвни единици беа собрани во денешната доброволна крводарителска акција во Кавадарци, трета во месец март, крв даруваа припадници на Полициската станица од општа надлежност и граничната полиција.

Крводарувањето го реализираше Општинската Организација на Црвен крст, со поддршка од Институтот за трансфузиона медицина од Скопје.

-За оваа година имаме планирано да обезбедиме 1.290 крвни единици, досега бележиме 400 крводарувања. Кавадарчани и росоманци се хумани луѓе и секоја година се натфрлува планот за дарување крв. Минатогодишниот план беше остварен со 153 проценти. Деновиве реализиравме и крводарителски акции во средните училишта, во гимназијата и екектро машинското училиште беа обезбедени 53 крвни единици, рече Розе Илова, секретар на Црвен крст Кавадарци.

Таа најави дека во понеделник, во кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев ќе бидат примени крводарителите кои имаат јубилејни 25, 50, 75 и 100 крводарувања.