Советот на општина Битола донесе одлука за начинот на користење на просториите во домовите на урбаните и месните заедници, за организирање предизборни собири од страна на организаторот на изборната кампања од подрачјето на општината, како и локации за истакнување изборни плакати за избор на претседател на Република Македонија.
Со донесената одлука на организаторите на изборната кампања им се овозможуваат еднакви услови за користење на просториите на домовите на урбаните и месните заедници во Општината за одржување на своите предизборни собири.
-Во градот на располагање ќе бидат 17 урбани заедници, додека во населените места ќе може да се користат 22 месни заедници. Користењето на просториите е без надоместок, но организаторот ќе има обврска просториите да ги користи како добар домаќин, а сите настанати штети ќе ги надомести на своја сметка во рок од 24 часа, истакна Валентин Груевски, претседател на Советот на општина Битола.
На денешната редовна седница, битолските советници ги утврдија и локациите на кои ќе биде дозволено да се истакнуваат изборни плакати.
-Изборни плакати ќе може да се истакнуваат на 22 фреквентни локации во градот и неговата околина. На утврдените места, организаторите на изборната кампања можат да поставуваат свои подвижни паноа со залепени плакати распоредени во линија, под услов да не се попречува видикот на другите паноа, но не повеќе од три паноа на една локација од секој организатор на изборната кампања. Изборни плакати можат да се истакнуваат и на станбени или други приватни објекти, со претходна согласност, одобрение од сопственикот на објектот. Но секој организатор на изборна кампања мора да знае дека не се дозволува лепење плакати на објекти и фасади под заштита, односно на културно-историски споменици, спомен обележја и бисти, телефонски и електрични кабли, како и на столбови од светлосна сигнализација-семафори, посочи Груевски.
Од општина Битола информираат дека организаторите на изборната кампања, во рок од 30 дена по завршувањето на изборите должни се да ги отстранат своите паноа и плакати од објектите и просторот, а непочитувањето на одлуката повлекува казна за сторен прекршок според казнените одредби од Изборниот законик.