Сеидбата на житните култури во општина Виница досега е реализирана на 573 хектари, со што планот е исполнет со 93 отсто. Од вкупно засеаните површини само педесетина хектари се во сопственост на земјоделските претпријатија, а остатокот е во иднивидуалниот сектор.
Најзастапени во Виничко годинава се јачменот на 276 и пченицата на 246 хектари, а остатокот е засеано со `рж и други житни култури. Притоа планот не е исполнет во целост кај ниту една култура, односно забележано е потфрлање за околу една петина.
– Главна пречка со која се соочија земјоделците во реализација на планираната сеидба е невообичаено долгиот сушен период, посебно во текот на есенските месеци, поради што тие не можеа навреме и квалитетно да ги подготват површините. Што се однесува до обезбедувањето семенски материјал и вештачки ѓубрива не се забележани проблеми и добавувачите навремено ги испорачаа до производителите, се вели во писменото известување од Подрачната единица на Министерството за земјоделство од Виница.
За разлика од житните, планот за сеидба целосно е исполнет кај градинарските и фуражните култури, кои се застапени на само четири хектари и сите се во индивидуалниот сектор.
Во планот за сеидба било предвидено на површините во Виничко да се засеат и пет хектари со афион, но поради временските услови оптималниот рок за сеење е пропуштен и планирањата воопшто не се исполнети.