Многу е важно после победата на идните парламентарни избори, победата да почне со едно големо кастрење на министерствата, оти за една сиромашна земја 22 министерства се премногу, порача кандидатот за претседател на државата Гордана Силјановска- Давкова во вечерашното издание на емисијата „Отворено на Алфа“.
На прашањето зошто се создава слика за неа како албанофоб. Силјановска вели:
-По 2001 година, Македонија ги институционализираше етничките поделби. Во Македонија има партии кои се формирани врз етничка и религиозна основа. Јас одговорно тврдам дека ниту најтемелната анализа на моите ставови сега или во минатото, нема да открие навреда ad hominem кон некоја албанска политичка партија. Kритика да. Избирачкото право е лично, но кај нас како да стана партиска сопственост, па како што гледате, за мнозина е најлогично, иако за мене не e, она што ќе го побараат партиите, гласачите да го прават, вели Силјановска-Давкова.
Не се согласува со наметнатиот амбиент дека нема да добие поддршка од албанскиот електорат.
-Јас знам како целиот живот живеам опкружена со Албанците и како сум соработувала и другарувала. Истото го правам и со студентите. Ако најдете еден студент во мојата кариера кој бил нерамноправно третиран од мене, тогаш веројатно ќе треба длабоко да размислам околу тоа. Очекувам сите оние со кои јас сум се дружела, сум учела од нив, исто така да имаат разбирање за мене. Сигурна сум дека многу, многу брзо во Република Македонија , особено во услови на демократизација, и ако најголемата фабрика за вработување престане да биде Владата и министерствата - туку компетентноста и стручноста, тоа ќе ослободи една широка енергија од креација на младите Албанци, Македонци, Турци, Роми и сите други етнички заедници, нагласи професорката.