Кумановци ќе добијат нов паркинг простор во центарот на градот на локација спроти улицата „11 Октомври“, соопштија денеска од јавното претпријатие „Куманово-паркинг“.

Паркингот ќе има 60 места, а граѓаните на оваа локација, која ќе биде дел од зоната „А“, ќе плаќаат по 30 денари плус данок на додадена вредност за два часа паркирање.

– Подготовките на терен веќе се отпочнати со поддршка на општина Куманово. Очекуваме наскоро да ги обележиме местата, да поставиме табла и овој паркинг да почне да функционира кон крајот на април или почетокот на мај годинава, изјави директорот на „Куманово-паркинг“, Фадиљ Шабани.

Новиот паркинг простор се наоѓа во централното градско подрачје каде се сместени повеќе институции, општинската зграда, судот, полицијата, поштата…. Граѓаните на ова место често не можеа да најдат слободно паркинг место.