Младите Роми, средношколци и студенти од Куманово се едуцираа како да ги променат негативните наративи од здравствените установи кон Ромите на денешната работилница што се одржа во рамки на проектот на Националниот ромски центар и Здружението „Сибиозис 12“ Куманово „Менување на наративите за Ромите во здравствените институции“ – „Моето здравје е мое право“

Обуките за младите кои работат заеднички со здравствените работници е да им укажат на се уште постоечките стеротипи со кои се соочуваат Ромите при добивањето на здравствените услуги.

– Главна цел на проектот е намалување на дискриминацијата, нееднаквиот пристап до здравствени услуги, постоечки стереотипи базирани на непознавање на ромската култура и традиција. Сакаме да ја подигнеме свеста кај младите за нивните права и да иницираме дијалог меѓу младите Роми и здравствените работници за надминување на бариерите и стереотипите во однос на ромската заедница и обратно, перцепцијата на значењето на здравјето и свесноста за превентива и здравствена едукација, изјави асистентот на проектот Бајрам Сулејмановски.

Во рамки на проектот предвидено е младите да се едуцираат, да креираат видео пораки што ќе ги упатат преку социјалните мрежи до нивните врсници и ќе ја информираат пошироката заедница.

Проектот, што почна да се спроведува од ноември минатата година ќе трае до ноември годинава и е поддржан од Фондацијата Отворено општество Македонија.