Кумановските средношколци денеска во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“, дебатираа на тема екологија, како да се зачува околината, како да се влијае на свеста кај граѓаните, кои мерки да ги преземат надлежните за поубава и почиста животна средина. Преку перформанс, тие упатија порака до надлежните од локалната власт и одговорните претпријатија кои мерки да ги преземат за поубав и почист град. Повеќе канти за отпадоци, контејнери, повеќе садници бараат средношколците од петте средни училишта.

Професорката од кумановската гимназија „Гоце Делчев“, Анита Цветковска, изјави дека преку изведба на драмска пиеса се обидуваат да упатат порака до надлежните, но и до граѓаните како да се однесуваат кон околината.

– Се надеваме дека ќе допреме до граѓаните, преку драмска изведба, преку дебата што беше сопнатана, многу луѓе дојдоа и се надеваме дека со вакви настани ќе постигнеме одредено влијание, бидејќи се почнува од нас и клучно зачувувањето на животната средина, изјави Цветковска.

Учениците велат дека и самите се одговорни за фрлените отпадоци, но велат дека кај нив веќе има напредок преку различните едукации. Учениците побараа и воведување на предмет екологија за да може да се развие свеста за зачувување на животната средина, уште од најрана возраст.

Во рамки на дебатата, директорот на јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“, Даниел Стојчевски потсети дека заедно со кумановските средношколци, АРМ, пред две недели засадија 5.000 садници под градските гробишта, најави дека уште толку ќе се садат веројатно под Спомен костурницата.

– Паралелно со тоа, во рамки на редовната програма досега имаме засадено 700 садници на Спомен костурницата и 300 садници во самото централно подрачје на неколку улици. Нема да застанеме тука, планираме да продолжиме и понатаму со обезбедување нови садници, оформување поголем број на зелени површини, она што значи редовно одржување на тие зелени површини, изјави Стојчевски.

И тој потенцираше дека за претпријатието, најголем проблем се фрлените отпадоци, насекаде, а особено околу училиштата на големите одмори.

– Драго ми е што и директорите на средните и основните училишта преземаат сопствена иницијатива за воведување една ваква дебата каде на ваков начин ќе се едуцираат самите ученици за начинот како треба сметот да се одлага. Ова навистина ќе значи многу за јавното претпријатие, изјави Стојчевски.

Главна е едукацијата, сметаат присутните, и однесувањето кое мора да се санкционира и да биде во насока на зачувување на природата.