Со акција за подводно чистење на езерото Матка, денеска во Скопје беше одбележан светскиот Ден на водите – 22 Март каде присуствуваше и заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.
Активностите се поддржани од проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја”, финансиран од Европската Унија, преку ИПА 2 – „Секторската оперативна програма за животна средина и климатска акција 2014-2020“ што го спроведува МЖСПП во соработка со УНДП.
Целта е да се подобри заштитата на природата, да се промовира одржливо користење на природните ресурси и да се зголемат капацитетите на локалните самоуправи и граѓански организации за управување и промовирање на заштитените подрачја на професионален и одржлив начин.
Членовите на Спелео-нуркачкиот клуб „Врело“ и Нуркачкиот клуб „Пена“ извадија еден од потопените чамци во езерото и продолжија со вадење на дел од отпадот од дното од езерото.
– Матка е еден од објектите што се трудиме да ги заштитиме преку проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја”, во чии рамки за Водно и за Матка има издвоено околу 400.000 долари за дефинирање на заштитените зони и статусот на Матка, а особено за дефинирање на она што значи активно управување и одржлив развој со заштитено подрачје. Во контекст на одбележувањето на светскиот Ден на водите апелирам да се негува правилен однос кон водата како еден од најскапоцените ресурси во светот, и тоа во текот на целата година, а не само на овој ден, изјави заменикот Макдрадули.
Претседателот на спелео-нуркачкиот клуб „Врело“, Киро Ангелески посочи дека целта е да се испрати порака дека не треба да се однесуваме како досега, односно да не се фрла отпадот во водите што се веќе премногу загадени.
– Ова е прва од десетте планирани акции за подводно чистење на сите езера во нашата држава што ќе ги изведиме во текот на оваа година. Нашите активности се ограничени на подводно чистење, но ги поздравуваме сите поединци и организации што ќе посакаат да ни се приклучат, рече Ангелески.
Во спроведувањето на активностите се вклучија и вработените од Јавното комуналното претпријатие Скопје, кои го преземаа насобраниот отпад.