Откако Уставниот суд го „уби“ времениот мораториум за градење што го постави Општина Центар, ќе продолжат градежните активности на територијата на оваа општина. Најмногу прашина и пред мораториумот се крена за наводните кули 60-катници кои треба да никнат на местото на паркингот спроти „Холидеј ин“, како што стои во деталниот урбанистички план за овој дел од Центар .
Според извори на „Макпрес“ овде дефинитивно ќе почнат да се градат кули, но нема да бидат 60-катници,ама секако ќе бидат повисоки од оние кои веќе постојат во Скопје. Се размислувало, меѓу другото, дали да бидат две наместо панираните три. Ова се уште не се соопштува во јавноста оти се барало начин како истата да се смири, особено експертската-архитектите, кои гласно зборуваа дека ваквиот план за градба е спротивен на генералнниот урбанистички план, односно овој дел на земјиштето во Скопје нема да може да издржи вакви конструкции.
Но, барањата на архитектите беа во насока на тоа згради воопшто да нема, и ако веќе се пренаменува паркинг просторот, тоа да биде некаков зелен појас, односно парк. На ова се приклучија и жителите на Центар кои се исклучиво против градење, оти велат тоа дополнително ќе го загуши градот, а загаденоста не ќе може да „излезе“ заради висококатниците.
Сопственикот на земјиштето, уште тогаш смируваше дека нема да градел кули туку пониски згради со зелен појас. Сепак, не доволно уверливо.
За сето ова време Македонската православна црква, на која и припаѓа дел од имотот, мудро се држи на страна.
Иако од еко-активистите беше повикана да се откаже од парцелата што ја поседува и место згради таму да се изгради парк, Синодот ваква иницијатива до сега не покажа.