Безбедносните сили на Косово (ФСК) информираа денеска дека согласно годишниот план за вежби и обуки, нејзиниот Трет баталјон за брзи интервенции, стациониран во Митровица, од 25 до 28 март ќе изведе вежбовни активности во рамки на воената вежба насловена „Сокол 03“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според соопштението на ФСК, активноста се изведува во соработка со Советот на Општина Подујево, односно со цивилните агенции на општината и има за цел да ги тестира способноста и интеракцијата на институциите во итни случаи.
Трупи на ФСК, односно Третиот баталјон за брзи интервенции, ќе се дислоцираат од касарната во Митровица во регионот на Подујево, поради што, како што се наведува, ќе има движење на конвои на ФСК на магистралниот и локалните патишта.
– ФСК ги информира граѓаните на регионот на Митровица и регионот на Приштина, дека на ниеден начин нема да бидат загрозени слободата на движење и имотите на граѓаните. ФСК и Собранието на Општина Подујево ги презедоа сите потребни мерки вежбата да се реализира успешно и да нема никакво вознемирување на граѓаните на овие региони, се вели во соопштението.