Претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик и членовите на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ го примија еврокомесарот Јоханес Хан, при што изразија задоволство од посетата на високо ниво, што, како што јавија локалните медиуми, сведочи за посветеноста на европската перспектива на БиХ.

– Хан го поздрави одобрението на Претседателството на БиХ за склучување договор за намалување на цените за роаминг услуги во јавните мобилни комуникациски мрежи во регионот на Западен Балкан, соопшти Претседателството на БиХ.

Тој ги поттикнал членовите на Претседателството на БиХ да продолжат да соработуваат и посветено да работат на спроведување на претходно усогласените реформски процеси.

На средбата станало збор за политичката ситуација во земјата, со акцент на формирање власт на сите нивоа во БиХ, што ќе даде дополнителен поттик за европскиот пат на земјата.

Тема на состанокот било и мислењето на Европската комисија за подготвеноста на БиХ за добивање статус кандидат за членство во ЕУ.